ИЗВЕСТУВАЊЕ

1.
Законска казнена камата
Согласно член 266-аод Законот за облигациони односи (Службен весник на Република  Македонија бр. 18/01...220/23), законската казнена камата се утврдува кога референтната стапка што ја објавува Народна банка на РСМ на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, ќе се зголеми за 10 процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за 8 процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (за граѓани).


Согласно објавата од НБРСМ од 28.12.2023 година, референтната стапка за период 01.01 - 30.06.2024 год. изнесува 6,30%, односно казнената камата изнесува 16,30% односно 14,30%.
2.
ДАНОЧЕН ЗАСТАПНИК ЗА ДДВ ОД 01.01.2024 .
Во Службен весник на РСМ бр.286/2023  објавен е Правилник за начинот на пријавување и регистрација на странско лице, начинот на водење на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност како и потребната документација. Правилникот влезе во сила од 30 декември 2023 година, и се применува од 1 јануари 2024 година.
 
Пријава на даночен застапник
Пријавувањето и регистрацијата на странското лице кое нема седиште, ниту подружница на територијата на РСМ, а кое врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со ДДВ согласно Законот за ДДВ, се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на ДДВ на странско лице преку даночен застапник-образец ДДВ-01/СЛ-ДЗ  до УЈП согласно член 9-б од Законот за ДДВ (Службен весник на РМ бр.44/99..199/23) и Правилникот.
Кон пријавата се доставува:
  • договор за назначување на даночен застапник заверен на нотар;
  • доказ за резидентство на странското лице во земјата во која има вистинско седиште или подружница, од каде услугата вистински се извршува;
  • доказ за седиште, односно живеалиште на лицето назначено како даночен застапник на територија на РСМ и
  • доказ дека за лицето назначено како даночен застапник не е започната стечајна или ликвидациона постапка-за правно лице или доказ дека лицето назначено за даночен застапник не е правосилно осудено за кривично дело-за физичко лице.
УЈП по службена должност ја прибавува следната документација:
  • доказ дека лицето кое е назначено како даночен застапник на денот на поднесување на пријавата нема доспеани, а неплатени даночни обврски и
  • доказ дека лицето кое е назначено како даночен застапник е регистрирано за целите на ДДВ најмалку 12 месеци пред денот на поднесување на пријавата.
За регистрација на странското лице за целите на ДДВ и назначување на даночен застапник, УЈП носи решение.
 
Пријава на престанок и промена на даночен застапник
Во случај на престанок на даночното застапување, странското лице треба да пријави промена на даночен застапник. Пријавувањето на промената се врши со поднесување на нова пријава за регистрација за целите на ДДВ.
За промена на даночниот застапник, односно за отповикување на регистрацијата, од страна на надлежниот даночен орган се донесува решение.
 
Регистар на даночни застапници
Регистарот на даночни застапници се води во електронска форма и се објавува на веб страницата на УЈП.