Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.
Со одлуката се определуваат посебните услови за трговија, највисоките цени во трговијата на мало, како и обврската на трговците кои претставуваат правни и физички лица и кои се регистрирани за вршење дејност производство и за вршење дејност трговија на големо и на мало во соодветен регистар согласно со закон, да ги прибавуваат и продаваат следните производи/стоки:
1) ориз бел, во пакување од 900 гр до 1 кг;
2) брашно пченично тип 400 и тип 500;
3) бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 гр (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
4) други пекарски производи;
5) бисквити „Petit Beurre” и бисквити обични и посни од 300 до 500 гр;
6) наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 гр;
7) тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица, обични) без и со јајца од 500 гр;
8) јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел;
9) свинско месо без коски, од бут или некој друг дел;
10) мелено месо свинско и јунешко;
11) пиле свежо или замрзнато (цело);
12) пилешки стек свеж или замрзнат;
13) чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување;
14) пилешка посебна салама (без слајс пакување);
15) паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 гр;
16) трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 л;
17) јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 л и 1,5 л;
18) кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500 гр;
19) павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200гр;
20) традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);
21) традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци);
22) свежи јајца од кокошка;
23) свежо овошје и
24) свеж зеленчук.
Највисоките цени овие производи/стоки се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба), коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.
Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија.
Трговците за вршење дејност - производство и за вршење дејност - трговија на големо, имаат обврска, производите/стоките посочени во оваа одлука, да им ги продаваат месечно на трговците за вршење дејност - трговија на мало, во количина од најмалку 70% од количината продадена во месец август 2023 година.
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 ноември 2023 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за дополнување на Одлуката за забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока.
Со Одлуката, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи. Забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година.
Воедно, одлучено е, цените во трговијата на мало, коишто се намалуваат поради истекување на рокот на земјоделските и прехранбените производи, да не се сметаат за акциска продажба (акција).
Оваа Одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.