ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ДДВ СЛУЖБЕН ВЕСНИК 57/2022-12.03.2022

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И
ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ
(СЛ.ВЕСНИК 57/2022-12.03.2022)

 
Член 1

Во Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“
број 44/99, 86/99, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008,
114/2009, 133/2009, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15,
129/15, 225/15, 23/16, 189/16 и 198/18 и „Службен весник на Република Северна
Македонија“ број 98/19, 124/19, 275/19, 267/20 и 163/21), членот 13 се менува и гласи:
„(1) За место на прометот на добра се смета:
1. Местото каде што доброто се наоѓа во времето на прометот, кога доброто не се превезува
или испраќа;
2. Местото каде што доброто се наоѓа кога започнува превозот или испраќањето, во случај
кога доброто се превезува или испраќа од страна на испорачателот, примателот или од
страна на трето лице;
3. Местото каде што доброто се монтира или инсталира во случаите кога доброто се монтира
или инсталира од страна на испорачателот или од друго лице во негово име;
4. Местото каде што оданочивиот трговец има седиште на стопанската дејност или
подружница за кој се снабдува доброто или во отсуство на место или подружница, местото
каде тој има своја постојана адреса или обично престојува/постојано живеалиште или
престојувалиште во случај на промет со природен гас и електрична енергија преку систем за
пренос и систем за дистрибуција сместени во територијата на земјата или прометот со
топлинска енергија или енергија за разладување преку мрежи за греење или разладување до
оданочив трговец и
5. Местото каде што примателот на доброто ги користи добрата во случај на промет со
природен гас и електрична енергија преку систем за пренос и систем за дистрибуција
сместени во територијата на земјата или енергија за разладување преку мрежи за греење или
разладување, којшто промет не е опфатен со точка 4 од овој став.
(2) Оданочив трговец од ставот (1) точка 4 на овој член е лице регистрирано за цели на
данокот на додадена вредност кое купува електрична енергија, природен гас, топлинска
енергија или енергија за разладување заради натамошна продажба и чија потрошувачка на
таквата енергија за сопствени потреби е занемарлива.
(3) Во случај кога целата или дел од електричната енергија, гасот, топлинската енергија или
енергијата за разладување не се потроши од примателот на истата, непотрошените добра се
сметаат дека се искористени и потрошени во местото каде што примателот на доброто има
вистинско седиште или подружница каде што се испорачани добрата. Доколку такво место не
постои, примателот на добрата се смета дека ги користел и ги потрошил добрата во местото
каде што тој има своја постојана адреса или престојува/постојано живеалиште или
престојувалиште.“.
Член 2

По членот 24-в се додава нов член 24-г, кој гласи:
„Член 24-г
(1) По исклучок на одредбите од членовите 29 и 30 од овој закон, во услови на големи
природни непогоди или епидемии во Република Северна Македонија, на прогласена воена
состојба, на утврдено постоење на вонредна состојба или при одлука за постоење на кризна
состојба, кога настанале или можат да настанат пореметувања во снабдувањето на
населението или пореметувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на
луѓето, пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни
за производство, преработка и за животот и здравјето на луѓето, како и во услови на потреба
за обезбедување на производи и суровини, кои се од посебно стратешко значење за
Република Северна Македонија, се ослободува од данок на додадена вредност,
прометот на производи за човечка исхрана.
(2) Владата на Република Северна Македонија на предлог на министерот за финансии
поблиску ги определува видот на добрата од ставот (1) на овој член како и временскиот
период на ослободувањето од плаќање на данокот на додадена вредност на добрата утврдени
согласно со ставот (1) на овој член.“.
Владата донесе Одлука за определување на видот на добрата и временскиот период на
ослободување од плаќањето на данокот на додадена вредност во земјата со право на
одбивка на претходниот данок.
Со оваа одлука што ќе важи до 31 мај 2022 година опфатени се следните основни
продукти:
- лебот,
- брашното од тип 400,
- белиот шеќер,
- сончогледовото масло,
- кравјото млеко со маснотии од 2%, 3,2% и 3,5%,
- месото,
- белиот ориз и
- јајцата.
Член 3

Во членот 27 став (1) во точката 1) зборовите: „членовите 23 и 24 точки 6, 7 и 8“ се
заменуваат со зборовите: „членовите 23, 24 точки 6, 7 и 8 и член 24-г“.
Во точката 3) сврзникот „и“ се заменува со точка и запирка.
По точката 4) се додава нова точка 5), која гласи:
„5) Природен гас и електрична енергија преку систем за пренос.“.
Член 4

По членот 30-б се додава нов член 30-в, кој гласи:
„Член 30-в
(1) По исклучок на одредбите од членот 29 од овој закон, во услови на големи природни
непогоди или епидемии во Република Северна Македонија, на прогласена воена состојба, на
утврдено постоење на вонредна состојба или при одлука за постоење на кризна состојба,
кога настанале или можат да настанат пореметувања во снабдувањето на населението или
пореметувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на луѓето,
пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за
производство, преработка и за животот и здравјето на луѓето, како и во услови на потреба за
обезбедување на производи и суровини кои се од посебно стратешко значење за Република
Северна Македонија, повластената даночна стапка од 10% се применува врз прометот и
увозот на енергенти.
(2) Владата на Република Северна Македонија на предлог на министерот за финансии
поблиску ги определува видот на добрата од ставот (1) на овој член како и временскиот
период на примена на повластената даночна стапка на добрата утврдена согласно со ставот
(1) на овој член.“.
Владата донесе Одлуката за определување на видот на добрата и временскиот период
на примена на повластена даночна стапка .
Оваа одлука овозможува да се примени повластена даночна стапка која изнесува 10%,
врз прометот и увозот на енергенти, за определен временски период во определени
услови.
Со оваа одлука се продолжува примената на повластена даночна стапка од 5% на
електричната енергија за домаќинства до 31 декември 2022 година.
Член 5

Во член 32 по точката 4 се додава новa точкa 5, која гласи:
„5. Оданочивиот трговец, односно лице регистрирано за цели на данокот на додадена
вредност согласно со членот 13 став (2) од овој закон.“.
Член 6

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност
(„Службен весник на Република Северна Македонија“ број 163/21), во членот 3 зборовите:
„30 јуни 2022 година“ се заменуваат со зборовите: „31 декември 2022 година“.
Член 7

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност
(„Службен весник на Република Северна Македонија“ број 163/21), во членот 4 зборовите: „1
јули 2022 година“ се заменуваат со зборовите: „1 јануари 2023 година“.
Член 8

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република
Северна Македонија“.