ЗАКОН ЗА ТРГОВИЈА
Закон за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004; 128/2006;
63/2007; 88/2008; 159/2008; 20/2009; 99/2009; 105/2009; 115/2010; 158/2010; 36/2011;
53/2011; 148/2013; 164/2013; 97/2015; 129/2015; 53/2016 и 120/2018 и „Службен весник на
Република Северна Македонија“ бр. 77/2021 и 215/2021).
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија на внатрешниот и
надворешниот пазар, мерките на ограничување на вршење на трговијата и заштитните мерки.
Член 2
Трговија, во смисла на овој закон, е купување и продавање на стоки, како и вршење на
трговски услуги.
Трговија може да вршат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на таа
дејност во соодветен регистар согласно со закон (во натамошниот текст: трговец).
Трговија може да вршат правни и физички лица основани и регистрирани за
вршење трговија во држави од Европски економски простор во согласност со
Законот за услуги (*), доколку ги исполнуваат условите за вршење трговија
согласно со овој закон. (*)Со овој закон се врши усогласување со Директивата
2006/123/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 12 декември 2006 година за
услугите на внатрешниот пазар, CELEX број 32006L0123
Член 3
По исклучок од одредбите на членот 2 став 2 од овој закон, одредбите на овој закон
соодветно се применуваат и на:
- правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги
продаваат на пазарот;
- органи на државна власт, општините и Градот Скопје и правни физички лица кои вршат
јавни овластувања кои за остварување на своите надлежности вршат набавка и отуѓување на
одделни стоки согласно со закон;
- физички лица - граѓани кои вршат увоз за сопствени потреби на употребувани моторни
возила и.
- физичките и правните лица регистрирани, односно евидентирани за вршење на земјоделска
дејност ако своите производи ги продаваат на пазарот.
Член 4
Трговецот ја врши трговијата слободно и под еднакви услови на пазарот, на начин со кој не
ја попречува конкуренцијата, не предизвикува штета на потрошувачите и на животната
средина и здравјето на луѓето и е во согласност со закон, меѓународните спогодби и договори
што ги ратификувала Република Северна Македонија и добрите деловни обичаи.
Член 5
Со акти и дејствија на органите на државната власт и органите на општините и на Градот
Скопје и на правните и физичките лица кои вршат јавни овластувања, не може да се
ограничи правото на трговецот за слободен настап на пазарот, да се попречува
конкуренцијата или да се доведуваат одделни трговци во нерамноправна положба, освен во
случаи определени со закон.
Член 5-а
Во постапката за инспекциски надзор се применуваат одредбите од Законот за инспекцискиот
надзор и Законот за Државен пазарен инспекторат, доколку со овој закон поинаку не е
уредено.
II. ВРШЕЊЕ НА ТРГОВИЈА
Заеднички одредби
Член 6
Трговија се врши како трговија на големо, трговија на мало, електронска трговија, вршење
трговија од врата до врата и како давање услуги во трговијата.
Трговија на големо и мало се врши во уредени деловни простории (во натамошниот текст:
продавници), магацини, складови и деловни простори.
Член 7
На пазарите на големо може да се врши само трговија на големо, а на пазарите на мало само
трговија на мало.
Член 8
Трговија на големо не може да се врши пред магацините, складовите и деловните простори.
Трговија на мало и давање услуги во трговијата може да се врши пред продавниците, односно
деловни простори со одобрение донесено врз основа на одлука на советот на општината,
односно на Градот Скопје.
Трговија на големо
Член 9
Трговија на големо, во смисла на овој закон, е купување на стоки заради натамошна
продажба на трговците, преработувачите и големите потрошувачи во земјата и странство, без
оглед на тоа дали стоката е продадена во неизменета или во изменета состојба по обработка,
преработка или доработка.
Како големи потрошувачи се сметаат трговски друштва, други правни и физички лица кои
набавените стоки ги користат за вршење на нивната дејност.
Член 10
Трговија на големо се врши во магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за
трговија на стоки на големо, како и во други деловни простори кои ги исполнуваат условите
пропишани со закон и друг пропис.
Трговија на мало
Член 11
Трговија на мало, во смисла на овој закон, е продавање на стоки на крајните потрошувачи.
Како трговија на стоки на крајните потрошувачи се смета трговијата на стоки за лична
потрошувачка и трговијата на стоки за потребите на домаќинствата.
Член 12
Трговија на мало се врши во продавници (стоковни куќи, трговски центри (молови),
самопослуги и слично) или деловни простори пред нив, ако за таков начин на продажба се
исполнети условите пропишани со закон и друг пропис.
Трговија на нафтени деривати на мало се врши на бензински станици под услови пропишани
со закон и друг пропис.
Трговија на мало со нафтен дериват - екстра лесно масло за домаќинство на бензинските
станици, не смее да се врши на правни и физички лица за погон на моторни возила, пловни
објекти, пловила, или други мотори и машини или други намени, освен како гориво за
греење.
Трговија на зелените пазари
Член 13
На зелените пазари се врши трговија на големо и мало на земјоделски стоки под услови
пропишани со закон и друг пропис.
Член 14
Вон сила
Член 15
На посебно организирани пазари може да се врши трговија на мало на стари моторни возила,
стари автоделови, земјоделски алати, добиток, живина (опрема и сточна храна), огревно
дрво, режана и тесана граѓа и на употребувани производи под услови пропишани со закон и
друг пропис.
Трговија на мало на стари моторни возила може да се врши и на посебно уреден простор за
продажба на стари моторни возила - автоплацеви.
Посебни начини на вршење на трговија
Член 16
Како посебни начини на вршење на трговија се смета и вршењето на трговија на посебно
организирани пазари, продажба преку пошта, на киосци, продажба по пат на автомати,
телевизија, интернет продажба, подвижни улични продавачи, на организирани саеми,
продажба од врата до врата, стопански изложби, изложбени салони, панаѓури и продажби
организирани за хуманитарни и спортски цели.
Трговија на стоки во киосци, автомати и продажба од подвижни улични продавачи може да се
врши само на места определени со одлука на советот на општината, односно на Градот
Скопје.
Трговијата од ставовите 1 и 2 на овој член се врши под услови пропишани со закон и друг
пропис.
Јавна и аукциска продажба
Член 17
Трговија на големо и мало може да се врши и со јавна и аукциска продажба.
Јавната и аукциската продажба од ставот 1 на овој член се врши со јавно објавување на
местото и времето на вршењето на јавната и аукциската продажба.
Јавната и аукциската продажба може да биде постојана или времена.
Условите за организирањето на јавната и аукциската продажба, пописот на производите кои
задолжително се продаваат со јавна или аукциска продажба, начинот на работењето и
постапката на продажбата со јавна или аукциска продажба ги пропишува Владата на предлог
на министерот за економија.
Електронска трговија
Член 18
Електронска трговија е посебен начин на вршење на трговија на големо и мало по пат на
договор. Електронската трговија се организира од страна на трговецот за продажба по пат на
некое комуникациско средство под услови пропишани со закон и друг пропис.
Услуги во трговијата
Член 19
Како услуги во трговијата, во смисла на овој закон, се сметаат: агенциските, односно
застапничките услуги, берзански услуги, комисиони услуги, услуги на складирање на стоки,
шпедитерски услуги, услуги на контрола на квалитетот и квантитетот на стоки, услуги на
економска пропаганда, приредување на саеми и стопански изложби, услуги на пазарот на
големо и мало, истражување на пазарот, издавање на боксови, тезги и слично во
организирани деловни простории за вршење на трговија на мало.
Продажба од врата до врата
Член 20
Трговија на мало може да се врши од врата до врата со склучување на договори меѓу
трговецот кој е регистриран за продажба од врата до врата и потрошувачот.
Владата ги определува производите што можат да се продаваат од врата до врата.
Министерот за економија го пропишува начинот на вршење на продажба на производите од
ставот 2 на овој член.
Директни продавачи од врата до врата можат да бидат независни комерцијални агенти,
дистрибутери, вработени или само вработени претставници за што тие мора да имаат
идентификациона легитимација (во натамошниот текст: вршители на трговија од врата до
врата) за настап кај потрошувачот, која ја издава трговецот од ставот 1 на овој член.
Трговецот е должен евиденцијата на продавачи од врата до врата да ја достави до
надлежниот орган на управата за јавни приходи на општината, односно на Градот Скопје.
III. УСЛОВИ ЗА ВРШЕЊЕ НА ТРГОВИЈА
Член 21
Стоките што се пуштени во промет треба да одговараат на физичко-хемиските и
органолептичките својства, да се спакувани, декларирани, означени, односно обележени,
согласно со закон.
Стоките треба да се сообразени со пропишаните технички барања проследени со документи
определени во техничките прописи со обезбеден сервис, резервни делови без кои
производите не можат да се користат за својата намена.
Член 22
Продавниците, магацините, складовите и деловните простори, зелените пазари, посебните
пазари на големо и мало, автоплацеви и бензинските станици, определени во членовите 10,
12, 13 ставови 1 и 2, 15, 16 и 18 на овој закон за вршење на трговија на големо и мало мора
да ги исполнуваат минимално техничките услови како и други услови пропишани со закон во
зависност од видот и начинот за вршење на трговија.
Министерот за економија ги пропишува минимално-техничките услови од ставот 1 на овој
член.
Член 23
Трговецот е должен исполнувањето на условите од членот 22 на овој закон и започнувањето
со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат и на надлежниот орган на
општината, односно Градот Скопје најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на
продажниот или друг деловен објект.
Министерот за економија ги пропишува формата и содржината на образецот на пријавата од
ставот 1 на овој член.
По исклучок од ставот 1 на овој член правните и физичките лица кои вршат трговија
на времена основа на територијата на Република Северна Македонија, без обврска
за основање во Република Северна Македонија, се должни најмалку 15 дена пред
започнувањето со вршење на дејноста, да достават известување до Министерството
за економија, со доказ за регистрирана дејност од државата oд Eвропскиот
економски простор во која се основани и регистрирани за вршење на трговија.
Трговија на времена основа се врши за ограничен временски период без
повторување, редовност или континуитет на дејноста.
Правните и физичките лица од ставот 3 на овој член се должни да ја пријават секоја
промена на дадените податоци во известувањето од ставот 3 на овој член во рок од
осум дена од денот на настанатата промена.
Министерот за економија ги пропишува формата и содржината, како и потребната
документација на известувањето од ставот 3 на овој член.
Член 23-а
Трговецот на мало кој врши продажба на алкохолни пијалаци, за продажбата на алкохолни
пијалаци е должен да поседува лиценца (во натамошниот текст: лиценца).
Лиценцата важи за период од две години.
За добивање на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок во износ од 20.000
денари на сметка на Републички буџет.
Лиценцата е непренослива.
Лиценцата 30 дена пред истекот на рокот за кој е издадена може да се продолжи за период
од две години, на барање на трговецот на мало кој врши промет на алкохолни пијалаци.
За продолжување на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок во износ од:
- 5.000 денари за секој продажен објект ако има до три продажни објекти и
- 15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти и 0,05% од
вкупниот промет остварен во претходната година.
Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно
издадена лиценца го потсетува носителот на лиценцата за периодот на важноста на истата.
Потсетувањето се врши преку доставување на електронска порака на е-маил адресата од
тековната состојба на правното лице.
Потсетувањето може да се врши и со СМС - порака, доколку носителите на лиценца дале
претходна согласност дека тоа ќе биде на нивeн трошок.
Барањето од ставот 1 на овој член се доставува во рок од 30 дена пред истекот на рокот на
важноста на лиценцата.
Трговецот на мало е должен да ја истакне лиценцата на видно место во продажниот објект.
Член 23-б
Министерството за економија на барање на трговецот на мало издава лиценца.
Барањето од ставот 1 на овој член се поднесува на два идентични образци со еден прилог на
докази.
Кон барањето од ставот 1 на овој член трговецот на мало ги доставува следниве документи:
1) Извод за тековна состојба на трговецот на мало, издаден од Централниот регистар на
Република Северна Македонија;
2) Доказ за уплатен надоместок во износ од 20.000 денари и
3) Доказ за уплатена административна такса во износ од 50 денари.
Доколку се исполнети условите од ставот 3 на овој член, Министерството за економија ја
издава лиценцата во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето.
Службеното лице од Министерството за економија кое ја води постапката по службена
должност го прибавува доказот од ставот 3 точка 1 на овој член, во рок од три работни дена
од поднесувањето на барањето.
Овластено службено лице од надлежниот јавен орган е должно бараниот доказ од ставот 5 на
овој член да го достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.
Кон барањето за продолжување на лиценца трговецот на мало кој има до три продажни
објекти ги доставува следниве документи:
1) Доказ за уплатен надоместок во износ од 5.000 денари и
2) Доказ за уплатена административна такса во износ од 50 денари.
Кон барањето за продолжување на лиценца трговецот на мало кој има над три продажни
објекти ги доставува следниве документи:
1) Доказ за уплатен надоместок во висина од 0,05% од вкупниот промет остварен од трговија
на мало остварен во претходната година;
2) Скратен исказ од годишна сметка издаден од Централен регистар;
3) Доказ за остварен приход од трговија на мало, доколку остварува приходи и по други
основи;
4) Доказ за уплатен надоместок во износ од 15.000 денари;
5) Доказ за уплатена административна такса во износ од 50 денари.
Службеното лице од Министерството за економија кое ја води постапката по службена
должност го прибавува доказот од ставот (8) точка 2 на овој член, во рок од три работни дена
од поднесувањето на барањето.
Овластено службено лице од надлежниот јавен орган е должно бараниот доказ од ставот 9 на
овој член да годостави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.
Лиценцата се запишува во регистар за издадени и одземени лиценци, кој го води
Министерството за економија.
Министерот за економија поблиску ги пропишува:
- формата и содржината на образецот на барањето од ставот 1 на овој член,
- формата и содржината и образецот на лиценцата и
- формата, содржината и начинот на водење на регистарот за издадени и одземени лиценци.
Секоја промена која влијае на условите потребни за издавање на лиценцата, трговецот на
мало е должен да ја пријави до Министерството за економија во рок од пет дена од денот на
настанувањето на промената.
Член 23-в
Лиценцата престанува да важи по истекот на рокот на важење на лиценцата.
Лиценцата се одзема, ако:
1) државниот пазарен инспектор при вршење на инспекциски надзор утврди дека трговецот
на мало врши продажба на алкохолни пијалаци на лица со возраст под 18 години.
Министерството за економија во случајот од ставот 2 на овој член донесува решение за
одземање на лиценцата во рок од 15 дена од денот на добивањето на записникот од
Државниот пазарен инспекторат со кој е утврдено дека трговецот на мало врши продажба на
алкохолни пијалаци на лица со возраст под 18 години.
Против решението од ставот 3 на овој член во рок од 15 дена може да се поднесе жалба до
Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор
степен.
Трговецот на мало на кој ќе му биде одземена лиценцата е должен веднаш да престане со
продажба на алкохолни пијалаци и истите да ги повлече од малопродажниот објект.
Трговецот на мало на кој му е одземена лиценцата нема право да поднесе барање за
издавање на нова лиценца во рок од една година сметано од денот на одземање на
лиценцата.
Член 23-г
Против решението од членот 23-б на овој закон на Министерството за економија, со кое е
одбиено барањето за издавање на лиценцата во рок од 15 дена може да се изјави жалба до
Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор
степен.
Член 23-д
Избришан
Член 24
Трговецот на мало не смее да врши продажба на алкохолни пијалаци и цигари на лица со
возраст под 18 години и на енергетски пијалаци на лица со возраст под 14 години.
Трговецот е должен на видно место во продажниот објект да истакне натпис со големина 20 x
50 см со содржина “забранета е продажба на алкохолни пијалаци и цигари на лица со возраст
под 18 години и на енергетски пијалаци на лица со возраст под 14 години".
Се забранува купување на алкохолни пијалаци и цигари од страна на лица со возраст под 18
години и на енергетски пијалаци од страна на лица со возраст под 14 години.
Трговецот на мало при продажбата на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари е должен да
ја утврди возраста на купувачот.
Начинот на утврдување на возраста на лицата, во смисла на ставовите 1 и 3 на овој член, ќе
се пропише од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен
за работите од областа на трговијата.
Член 24-а
Се забранува продажбата на алкохолни пијалаци во продавниците во состав на бензинските
станици.
Работно време
Член 25
Трговецот на големо и трговецот на мало го утврдува работното време на
продавниците, киосците, автоматите, штандовите, зелените пазари, магацините,
складовите, деловните простории, продавниците, штандовите и киосците во
трговските центри (молови) и бензинските станици зависно од бројот на
вработените.
Должината и распоредот на работното време што трговецот го утврдил треба да се
усогласат со правата, обврските и одговорностите на вработените утврдени со
прописите од областа на работните односи, особено во поглед на распоредувањето
на работното време и прекувремената работа, ноќната работа, дневниот, неделниот
и годишниот одмор и другите отсуства од работа и во согласност со ограничувањата
утврдени со прописите од областа на заштита од бучава.
Продавниците што се наоѓаат во колективни станбени згради и деловно станбени
згради не можат да почнат со работа пред 6:00 часот и мора да завршат со работа до
23:00 часот.
Tрговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на
државни празници и други празници кои се определени како неработни денови
согласно со закон (во натамошниот текст: празници).
По исклучок од ставот 4 на овој член, трговијата на мало може да се врши:
1) во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и
апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките
места утврдени со Законот за туристичка дејност;
2) во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало
претежно со храна, пијалоци и тутун;
3) во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат
минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2;
4) на штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани,
фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на
кинематографски дела;
5) во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и
тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и
6) на зелени пазари.
За работниците кај трговците на мало од ставот 5 на овој член, ден на неделен
одмор може да биде друг ден во неделата, согласно со закон.
Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100%, за
секој час поминат на работа.
За трговците на мало од ставот 5 точки 2) и 3) на овој член се утврдува надоместок
во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на
празници, кои средства ќе се инвестираат во детски градинки согласно со закон.
За продавниците на бензиските станици од ставот 5 точка 2) на овој член за
остварен приход ќе се смета само приходот остварен од продажба на храна,
пијалоци и тутун, без прометот од продажбата на нафтени деривати.
Надоместокот од ставот 7 на овој член се уплаќа секоја година до 15 јануари во
тековната година на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија согласно
со закон.
Трговците од ставот 5 на овој член се должни да го пријават работното време во
недела и на празници, согласно со членот 26 ставови 2 и 5 од овој закон.
Трговците од ставот 5 точки 2) и 3) на овој член се должни десет дена пред да го
уплатат надоместокот од ставот 7 на овој член да ја достават потврдата од членот 26
став 7 од овој закон до Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат
и Државниот инспекторат за труд.
Трговците на мало од ставот 5 на овој член се должни да го почитуваат работното
време за работа во недела и празници и тоа:
- трговците од ставот 5 точки 1) и 5) на овој член може да работат во период од осум
часа што самите ќе го утврдат согласно со ставот 3 на овој член,
- трговците од ставот 5 точка 2) на овој член може да работат од 00:00 до 24:00
часот,
- трговците од ставот 5 точка 3) на овој член може да работат од 10:00 до 20:00
часот и
- трговците од ставот 5 точка 6) на овој член може да работат од 08:00 до 14:00
часот.
Член 26
Централниот регистар преку едношалтерскиот систем води евиденција за работното време на
продавниците, магацините, складовите, бензинските станици и деловните простори коишто
работат на нивното подрачје.
Трговецот е должен часот на почетокот и часот на завршувањето на работното време,
времето за пауза и распоредот на работното време да го пријави на Централниот регистар
најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, односно пред измената на часот на
почетокот и часот на завршувањето на работното време, времето за пауза и распоредот на
работното време на продавниците, магацините, складовите, бензинските станици и деловните
простори.
Во случај на објективни причини што бараат затворање на продавниците, магацините,
складовите, бензинските станици и деловните простори или измена на работното време, а на
кои трговецот не може да влијае, трговецот може да престане со работа, односно да го
измени работното време без да ја има исполнето обврската од ставот 2 на овој член.
За причините од ставот 3 на овој член трговецот е должен да го извести надлежниот орган на
општината, односно на Градот Скопје и на Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни
приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот санитарен и здравствен инспекторат
во рок од пет дена од денот на престанокот со работа.
Трговецот ја поднесува пријавата од ставот 2 на овој член на образец за утврдување на
часот на почетокот и часот на завршувањето на работното време, времето за пауза и
распоредот на работното време.
Министерот за труд ги пропишува формата и содржината на образецот на пријавата од
ставовите 2 и 5 на овој член.
По евидентирањето на пријавата Централниот регистар на трговецот му издава потврда за
утврдување на часот на почетокот и часот на завршувањето на работното време, времето на
пауза и распоредот на работното време и истото го објавува на својата веб страница.
Централниот регистар преку својот интернет дистрибутивен систем обезбедува електронски
пристап до евидентираните податоци на надлежните државни органи и организации, и тоа на
Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и
здравствен инспекторат, Управата за јавни приходи и општината, односно градот Скопје.
Член 27
Трговецот е должен работното време и телефонскиот број на Државниот пазарен инспекторат
од тоа подрачје да ги истакне на видно место на влезот на продавниците, магацините,
складовите, бензинските станици и деловните простори и да се придржува кон истакнатото
работно време.
Водење на евиденција
Член 28
Трговецот е должен да води евиденција за набавка и продажба на стоките на големо и мало,
како и за давање на трговски услуги согласно со закони и други прописи.
Евиденцијата што ја води трговецот мора да се наоѓа во соодветната деловна просторија во
која се врши трговија и во секое време да биде достапна на надлежните инспекциски органи.
Министерот за економија во согласност со министерот за финансии ги пропишува формата и
начинот за водење на евиденцијата за набавка и продажба на стоките на големо и мало, како
и услуги во трговијата на големо и мало.
Ограничувања и забрани во трговијата
Член 29
Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата во случај на:
- природни и други непогоди во Република Северна Македонија, кога настанале или би
можеле да настанат сериозни пореметувања во трговијата, пореметувања во снабдувањето на
населението или пореметувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на
граѓаните;
- сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно
потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните;
- нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и
стоки;
- воена состојба или непосредна закана за независноста и интегритетот на Република
СевернаМакедонија
и
- потреби за осигурување на производите, суровините и репродукциониот материјал што се
од посебно стратешко значење за одбраната на Република Северна Македонија.
Владата може да ги пропише ограничувањата во вршењето на трговијата во случаите од
ставот 1 на овој член само ако пореметувањето не може да се отстрани со други мерки или
ако потребите не можат да се намират од стоковите резерви, со увоз или други мерки на
трговската политика во согласност со обврските кои произлегуваат од меѓународните
договори и спогодби што ги ратификувала Република Северна Македонија.
Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член не се однесуваат за земјите членки на Европската
унија.
Член 30
Во случаите од членот 29 став 1 на овој закон Владата може да ги пропише следниве мерки:
- ограничување на трговијата на одделни стоки или посебни услови за трговија на одделни
стоки;
- определување на највисоки цени за одделни производи и услуги во производството и
прометот;
- ограничување на извозот или увозот на одделни стоки или пропишување на посебните
услови за увоз или извоз на одделни стоки;
- ограничување на бројот на употребувани моторни возила кои физичките лица - граѓани за
сопствени потреби можат да ги увезуваат и ограничување на временскиот период на увоз;
- забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока;
- обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на
одделни стоки на потрошувачите според определен редослед;
- обврска за одделни трговци да чуваат определена количина и вид на стоки и
- забрана на употреба на одделни стоки во производството на други стоки.
Трговецот е должен да се придржува на мерките од ставот 1 на овој член.
Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член не се однесуваат за земјите членки на Европската
унија.
III-a ВРШЕЊЕ НА ТРГОВИЈА НА МАЛО ВО
УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА
Член 30-а
Трговецот на мало во услови на пандемија е должен:
- да постави известување со кое ќе ги запознае потрошувачите дека секое нарушување на
редот и дисциплината пред влезот и во внатрешноста на објектот во кој се врши трговија на
мало ќе биде пријавено кај надлежните органи,
- да обезбеди редар или вработено лице во својство на редар од редот на вработените кога
бројот на потрошувачи во објектот ќе достигне број на лица утврдени во ставот (3) на овој
член,
- да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување
минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот и
- да обезбеди заштитна опрема (маски) за вработените во објектот.
Ознаките од став 1 алинеја 3 на овој член, се поставуваат на растојание од два метри и тоа:
пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.
Во објектите на трговецот од ставот 1 на овој член, може истовремено да пазаруваат најмногу
по едно лице на површина од секои 10 метри квадратни.
Во објектите на трговецот од ставот 1 на овој член, кои се помали од 10 метри квадратни,
може да пазарува само едно лице.
Член 30-б
Вработените лица се должни заштитната опрема од членот 30-а став 1 алинеја 4 од овој
закон, да ја носат во објектите во кои се врши трговија на мало, за времетраење на
работното време.
IV. УСЛОВИ ЗА ВРШЕЊЕ ТРГОВИЈА СО
СТРАНСТВО
Член 31
Трговија со странство се врши во согласност со закон, прописите донесени врз основа на
закон и меѓународните спогодби и договори што ги ратификувала Република Северна
Македонија.
Услови кои мораат да ги исполнуваат стоките при увоз
Член 32
Трговецот е должен при увозот на стоки на надлежните инспекциски органи, пред постапката
за царинење да им достави доказ дека се исполнети пропишаните услови за квалитетот на
стоките, физичко-хемиските и органолептичките својства, бактериолошките својства,
количеството, пакувањето, како и условите за превоз на стоката во однос на превозното
средство и начинот на транспортирањето согласно со закон.
Член 33
Стоките за кои со закон се определени посебни услови за вршење трговија во земјата можат
да се увезат само доколку увозникот пред надлежните испостави на царинската управа
приложи доказ за исполнување на посебните услови, издаден од надлежен орган утврден со
закон.
Дозвола за извоз и увоз на стоките
Член 34
Извозот и увозот на одделни стоки може да се врши врз основа на дозвола, и тоа за:
- заштита на животот и здравјето на луѓето, животните и растенијата,
- заштита на јавниот морал;
- заштита на животната средина и просторното планирање;
- извозот и увозот на историски и уметнички дела;
- извозот и увозот на одделни благородни метали, банкноти и друго и
- средствата за вооружување и воена опрема наменети за потребите на обезбедувањето на
јавната безбедност и одбраната и други стоки.
Стоките кои се извезуваат и увезуваат врз основа на дозвола издадена од надлежен орган ќе
ги определи Владата на предлог на Министерството за економија.
Дозволата за извоз и увоз на средствата за вооружување и воена опрема ја издава
Министерството за одбрана, односно Министерството за внатрешни работи.
V. ЗАШТИТНИ МЕРКИ
Комисија за заштитни мерки
Член 35
За спроведување на мерките за заштита на домашното производство Владата формира
Комисија за заштитни мерки (во натамошниот текст: Комисијата).
Комисијата од ставот 1 на овој член ја именува Владата на предлог на министерот за
економија.
Со Комисијата претседава министерот за економија.
Владата ги пропишува начинот и постапката за работа на Комисијата.
Стручните и административно-техничките работи за потребите на Комисијата ги врши
стручната служба на Министерството за економија.
Мерки за заштита на домашната индустрија од зголемен увоз
Член 36
Ако во краток временски период количински се зголеми увозот на одредена стока, апсолутно
или релативно во однос на домашното производство и ако со тоа зголемување на увозот се
нанесува сериозна штета или претстои опасност од нанесување на сериозна штета за
домашната индустрија која произведува слични или директно конкурентни производи,
Владата на предлог на Комисијата ќе презема соодветни заштитни мерки (во натамошниот
текст: мерки), за да се отстранат штетите и пореметувањата настанати со таквиот увоз.
Под "сериозна штета", во смисла на ставот 1 од овој член, се смета значително севкупно
влошување на состојбата на домашното производство, а под "опасност од сериозна штета" се
смета сериозна штета за која е очигледно дека е неизбежна.
Под "домашна индустрија", во смисла на ставот 1 од овој член, ќе се подразбираат сите
производители кои произведуваат слични или директно конкурентни производи на
територијата на Република Северна Македонија, како и оние чие заедничко производство на
слични или директно конкурентни производи го сочинува поголемиот дел од вкупното
домашно производство на тие производи.
Претходна постапка на Комисијата
Член 37
Мерките од членот 36 став 1 на овој закон ќе се применуваат на сите стоки кои се увезуваат
независно од земјата од која потекнуваат или од која се увезуваат.
Мерките од членот 36 став 1 на овој закон можат да се преземат само ако во постапката
спроведена од Комисијата се докаже причината за зголемениот увоз на одделна стока и
сериозна штета, односно можноста за настанување на сериозна штета за домашната
индустрија.
Ако во спроведената постапка од ставот 2 на овој член се утврди дека сериозната штета на
домашната индустрија, настанала од други причини, а не од зголемениот увоз на одделна
стока остварен во истиот период, не може да се применат мерките од членот 36 став 1 на овој
закон.
Комисијата во постапката од ставот 2 на овој член ги оценува сите факти и докази, а особено
состојбата во одредена производна дејност, вкупниот пораст на увозот на одделна стока во
апсолутен и релативен износ, состојбата на домашниот пазар која настанала поради
зголемениот увоз, искористеноста на производните капацитети, состојбата на добивката или
загубата, влијанието на зголемениот увоз врз вработеноста во определена производствена
дејност и други околности кои се од значење за оцена на состојбата на домашното
производство на тие стоки.
Во текот на постапката Комисијата ќе ги повика сите заинтересирани страни (извозници,
увозници и други), на јавна расправа да ги изнесат своите ставови и да укажат на потребата
од преземање на заштитните мерки.
Комисијата е должна да постапува одговорно со податоците собрани во постапката кои се од
доверлива природа за определени стопански субјекти и не смеат да бидат откриени без нивно
одобрение. Ако се оцени за потребно заради спроведувањето на постапката, Комисијата може
да побара од лицата кои располагаат со доверливи податоци да и достават куса содржина на
податоците, кои не се од доверлива природа или објаснување на тие податоци, а ако тоа го
одбијат, да дадат појаснување и причини заради кои тоа го одбиваат.
Ако Комисијата оцени дека барањето за доверливоста на податоците не е основано, а
засегнатата странка не сака јавно да се објават податоците воопшто или во кратка форма,
Комисијата може да ги изостави тие податоци или да ја провери нивната точност од друг
извор.
Постапката и начинот на утврдувањето на заштитните мерки при зголемен увоз ги пропишува
Владата на предлог на Комисијата.
Привремени мерки за заштита на домашната индустрија од зголемен
увоз
Член 38
Во исклучителни случаи кога со одложувањето на преземање мерки, во смисла на членот 36
од овој закон, би се предизвикала сериозна штета на домашната индустрија што тешко може
да се отстрани, Владата може на предлог на Комисијата да пропише привремени мерки ако
прелиминарно се утврди постоење на сигурни докази дека со зголемениот увоз е нанесена
сериозна штета или претстои опасност од нанесување на сериозна штета на домашната
индустрија.
Како привремени мерки од ставот 1 на овој член Владата на предлог на Комисијата може да
пропише заштитни царински давачки.
Надлежен орган за собирање на заштитните царински давачки од ставот 2 на овој член е
Царинската управа на Република Северна Македонија.
Привремените мерки од ставот 1 на овој член не може да траат повеќе од 200 дена. Во овој
временски период Комисијата е должна да ја спроведе постапката во смисла на членот 37 од
овој закон.
Ако во постапката се утврди дека со зголемениот увоз не се предизвикала сериозна штета
или не постои опасност од нанесување на сериозна штета на домашната индустрија,
средствата наплатени на име заштитни давачки, ќе се вратат во најкраток можен рок на
увозниците од кои тие се наплатени.
Траењето на привремените мерки ќе се пресметува во вкупното траење на мерките од членот
39 на овој закон.
Примена на мерките за заштита на домашната индустрија од зголемен
увоз
Член 39
Мерките од членот 36 на овој закон ќе се применуваат само за оној временски период кој е
потребен да се отстрани или спречи нанесувањето на сериозна штета или да се олесни
приспособувањето на домашната индустрија, а најмногу четири години од воведувањето на
мерката.
По исклучок од ставот 1 на овој член траењето на мерката може да биде продолжено ако
Комисијата утврди дека тие и понатаму се потребни заради спречување на нанесување
сериозна штета или ако домашната индустрија е во постапка на прилагодување. Во тој случај
мерката не може да биде построга во однос на претходно пропишаната мерка.
Комисијата е должна да ги следи ефектите од мерките од ставот 1 на овој член, а по потреба
да и предложи на Владата нивно ублажување.
Вкупниот период во кој може да се применуваат мерките од ставот 1 на овој член,
вклучувајќи го и времето на привремените мерки не може да биде подолго од осум години од
воведувањето или продолжувањето на претходно пропишаните мерки.
Доколку се очекува дека мерките од членот 36 на овој закон ќе траат подолго од една
година, Комисијата е должна да и предложи на Владата во еднакви временски интервали да
ги ублажи тие мерки. Ако се пропише мерка со рок подолг од три години, Комисијата е
должна најдоцна во половината од тој период да ги утврди нивните ефекти и да оцени дали
постојат услови за нивно ублажување или укинување.
Член 40
Заштитни мерки за стоки за кои такви мерки веќе биле пропишани можат повторно да се
пропишат по истекот на периодот кој одговара на периодот во кој тие мерки траеле, но во
никој случај не помалку пред истекот на две години од престанокот на нивното важење.
Како исклучок од ставот 1 на овој член, мерките со времетраење од 180 дена или помалку,
можат да се пропишат под услов да поминал период од најмалку една година од
воведувањето на претходната заштитна мерка и ако таа мерка не била пропишана за истата
стока повеќе од два пати во период од пет години.
Член 41
Во случај на воведување на мерки од членот 36 на овој закон, на барање на земјата
извозничка Владата, на предлог на Комисијата, може да и предложи на владата на таа земја
да и одобри определена трговска компензација заради отстранување на штетните последици
кои таа земја ги има поради воведување или продолжување на мерките во Република
Северна Македонија.
Мерките од членот 36 на овој закон Владата нема да ги пропишува за увоз на одделна стока
со потекло од земјите во развој - членки на Светската трговска организација, сé додека
уделот на увозот на одделна стока од тие земји не преминува 3% од вкупниот увоз на таа
стока под услов заедничкиот удел на земјите во развој - членки на Светската трговска
организација со удел во увозот под 3% да не изнесува повеќе од 9% од вкупниот увоз на таа
стока во Република Северна Македонија.
Количинско или вредносно ограничување
Член 42
Ако со мерките од членот 36 на овој закон Владата, на предлог на Комисијата, пропише
количинско или вредносно ограничување на увозот на определени стоки, обемот на тие стоки
не смее да биде помал од просечниот годишен увоз на тие стоки остварен во последните три
години, освен во случаи кога постои очигледно оправдување дека е потребно поинакво ниво
на заштита заради спречување на нанесување на сериозна штета.
Ако распределбата на стоките од ставот 1 на овој член се врши меѓу повеќе земји Владата, на
предлог на Комисијата, може со земјите членки на Светската трговска организација особено
заинтересирани за извоз на тие стоки во Република Северна Македонија, да го усогласи
начинот на распределбата на тие стоки и нивниот удел во таа распределба. Ако се утврди
дека таквиот начин на распределба не е соодветен, утврдениот обем на стоките ќе се
распредели на соодветни делови на земјите извознички согласно со нивно учество во
вкупниот увоз на одделна стока во Република Северна Македонија за определен, период
притоа водејќи сметка и за другите значајни околности кои влијаат или можат да влијаат на
увозот на тие стоки.
По исклучок од ставот 2 на овој член, Владата може да го измени начинот на распределба на
стоките од ставот 1 на овој член, ако:
- увозот од одредена земја членка на Светската трговска организација се зголеми
несразмерно во однос на вкупното зголемување на увозот на одделна стока во тој определен
период;
- постојат оправдани причини за отстапување и
- условите за отстапување се еднакви спрема сите земји членки на Светската трговска
организација (добавувачи) на тие стоки.
Траењето на мерките од членот 36 на овој закон не може да биде подолго од периодот
определен во членот 39 на овој закон дури и кога претстои опасност од настапување на
сериозна штета на домашната индустрија.
Мерки за спречување на нарушување на платниот биланс
Член 43
Ако се утврди дека со зголемениот увоз на одделни стоки може да настане нарушување на
платниот биланс во Република Северна Македонија Владата, на предлог на Комисијата, може
да воведе заштитни мерки во форма на количинско или вредносно ограничување на увозот на
тие стоки.
Мерки за заштита на необновливите природни богатства
Член 44
Ако се утврди дека со зголемениот извоз на одделни стоки се нанесува сериозна штета или
претстои опасност од нанесување на сериозна штета на необновливите природни богатства на
Република Северна Македонија Владата, на предлог на Комисијата, може да воведе заштитни
мерки во форма на количинско или вредносно ограничување, ако истовремено со тие мерки
се ограничува и трговијата на тие стоки во Република Северна Македонија.
Член 45
Владата на предлог на Комисијата поблиску ќе ги пропише начинот и постапката на
реализирање на мерките од членот 36 до 44 на овој закон.
Антидампинг мерки
Член 45-а
Ако некоја стока се увезува во Република Северна Македонија по пониска цена од нејзината
нормална вредност (дампинг) и ако во истражна постапка, која ја спроведува Комисијата, се
утврди дека таквиот увоз предизвикува или се заканува да предизвика материјална штета на
домашното производство, или би можел да го забави развојот на домашното производство
Владата може, на предлог на Комисијата, да пропише антидампинг давачка за увозот на таа
стока.
Се смета дека стоката е увезена во Република Северна Македонија по пониска цена од
нејзината нормална вредност (дампинг), ако цената на таа стока е пониска од споредбената
цена на иста стока по која таа под вообичаени услови се продава во земјата извозник за
потрошувачка во таа земја.
Ако нема податоци за споредбената цена, или поради посебна состојба на пазарот, или кога
поради малиот обем на трговија со определена стока во земјата извозник, расположливите
податоци не овозможуваат соодветна споредба, антидампинг давачката ќе се утврди со
споредба на цената на стоката која се увезува со:
- цената на истоветна стока која се извезува на соодветен пазар на трета земја, под услов таа
цена да е соодветна или
- трошоците на производство во земјата на потеклото зголемени за вообичаен износ на
административните трошоци, трошоците за продажба, општите трошоци и добивката.
Член 45-б
Барање за пропишување на антидампинг давачка се поднесува во име на сите домашни
производители на определена стока или на оние чие производство претставува претежен дел
од вкупното производство на таа стока.
Барањето се поднесува во писмена форма до Комисијата.
Ако Комисијата утврди дека барањето е поднесено од производителите од ставот 1 на овој
член или лице кое тие го овластиле за поднесување на барањето, ќе спроведе постапка.
Со барањето од ставот 1 на овој член се приложуваат докази за:
- постоење на дампинг на увозот на определена стока,
- штетата која дампингот ја предизвикува на домашното производство според Спогодбата за
примена на членот VI од Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ) 1994 и
- причинската врска меѓу дампинг увозот и штетата која тој увоз ја предизвикува на
домашното производство.
Комисијата може да ја спроведе постапката и без писмено барање на оштетените
производители, ако постојат доволни докази за дампинг увоз, штетата која тој увоз ја
предизвикува на домашното производство и причинската врска меѓу дампинг увозот и
штетата кои го оправдуваат спроведувањето на постапката.
Антидампинг давачката од членот 45-а на овој закон не може да биде повисока од маржата на
дампингот. Антидампинг давачката може да биде и пониска од маржата на дампингот ако е
доволна да ја отстрани штетата на домашното производство.
Антидампинг давачката ќе остане во сила за време колку што е потребно да се спречи
дампингот кој предизвикал штета на домашното производство. Комисијата после определено
време ќе ја преиспита потребата за примена на антидампинг давачката, по сопствена
иницијатива или на барање на заинтересираната страна, ако таа ја докаже оправданоста за
преиспитување на антидампинг давачката.
Постапката и начинот на утврдување на антидампинг давачка ги пропишува Владата на
предлог на Комисијата.
Мерки против субвенциониран увоз
Член 46
Владата може, на предлог на Комисијата, да пропише компензациона давачка за одделна
стока која се увезува, ако:
- во производството или извозот на таа стока се одобруваат субвенции во земјата на
потеклото или земјата на извозот, освен кога се во прашање субвенции против кои не можат
да се преземаат мерки од овој член, согласно со меѓународните договори ратификувани од
Република Северна Македонија и
- увозот на стоката која се субвенционира, нанесува материјална штета или се заканува да
нанесе штета на домашното производство или би можел да го забави развојот на домашното
производство.
Компензациона давачка, во смисла на овој член, е посебна давачка која се наплатува со цел
да се неутрализира секоја субвенција која директно или индиректно е одобрена за изработка,
за производство или за извоз на стоката.
Член 47
Барање за пропишување на компензациона давачка се поднесува во име на сите домашни
производители на определена стока, или на оние чие производство претставува претежен дел
од вкупното производство на таа стока.
Барањето се поднесува во писмена форма до Комисијата. Ако Комисијата утврди дека
барањето е поднесено од производителите од ставот 1 на овој член или лице кое тие го
овластиле за поднесување на барање, ќе спроведе постапка.
Со барањето од ставот 1 на овој член се приложуваат докази за:
- постоење на субвенции за определена стока и ако е можно нејзиниот износ;
- штетата која таа субвенција ја нанесува на домашното производство дефинирана согласно
со член VI од Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ) 1994 и
- причинската врска меѓу субвенционираниот увоз и штетата која се нанесува на домашното
производство.
Комисијата може да покрене постапка од ставот 2 на овој член и без писмено барање на
оштетените производители, ако постојат доволно докази за субвенционираниот увоз, штетата
која тој увоз ја нанесува на домашното производство и причинската врска меѓу
субвенционираниот увоз и штетата кои го оправдуваат покренувањето на постапката.
Комисијата, после спроведената постапка, ќе утврди дали се исполнети сите услови за
воведување на компензациона давачка и ќе ја определи висината која одговара на висината
на субвенцијата. Висината на компензационата давачка може да биде и пониска ако е
доволна да ја отстрани штетата на домашното производство.
Компензационата давачка ќе се применува до отстранувањето на нанесената штета на
домашното производство. Комисијата после определено време ќе ја преиспита потребата за
натамошна примена на компензационата давачка, по сопствена иницијатива или на барање
на заинтересираната страна ако таа ја докаже оправданоста за преиспитување на
компензационата давачка.
Постапката и начинот на утврдување на компензационата давачка ги пропишува Владата на
предлог на Комисијата.
VI. НАДЗОР
Член 48
Надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз негова основа врши
Министерството за економија.
Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон вршат Државниот
пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и други инспекциски и царински органи
согласно со овластувањата утврдени со овој и со посебните закони.
Член 49
За прекршоците од член 55 став 1 алинеи 1, 2, 3, 5, 6 и 8 од овој закон, државниот пазарен
инспектор составува записник и со решение изрекува опомена и со истото укажува во рок од
осум дена да се отстрнат неправилности и недостатоци, утврдени со записник.
Кога при вршењето на инспекцискиот надзор утврдените неправилности се отстранети во
текот на вршењето на инспекцискиот надзор или во рокот утврден со решението од ставот (1)
на овој член, инспекторот ја запира постапката со констатација во записникот од ставот 1 на
овој член.
Доколку по истекот на рокот утврден во ставот 1 на овој член, државниот пазарен инспектор
утврди дека неправилностите и недостатоците сé уште не се отстранети, државниот пазарен
инспектор ќе издаде прекршочен платен налог, согласно со членот 55 од овој закон.
Државните пазарни инспектори се должни да водат евиденција за изречените опомени и за
исходот на покренатите постапки.
Во евиденцијата од ставот 4 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните
податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно
престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на решението со кое се изрекува
опомената и исходот на постапката.
Личните податоци од ставот 5 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во
евиденцијата.
Формата и содржината на евиденцијата од ставот 4 на овој член, ја пропишува директорот на
Државниот пазарен инспекторат.
Член 50
Ако државниот пазарен инспектор, при вршењето на инспекцискиот надзор, утврди дека
трговецот врши дејност трговија и дава услуги во трговија без да е регистриран во
соодветниот регистар или утврди дека трговецот или физичко лице врши превоз на стока со
намера за натамошна продажба без придружна документација (член 2 став 2) ќе донесе
решение за привремена забрана на вршење на дејноста во траење од 30 дена.
Против решението на инспекторот од ставот 1 на овој член може да се изјави жалба во рок од
осум дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен
однос во втор степен.
Жалбата изјавена против решението од ставот 1 на овој член не го одлага неговото
извршување.
Член 50-а
Ако државниот пазарен инспектор при вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека
трговецот врши трговија на мало со нафтениот дериват - екстра лесно масло за домаќинство,
спротивно на членот 12, став 3 од овој закон, ќе донесе решение за привремена забрана за
вршење на дејност во траење од 30 дена.
Против решението на инспекторот од ставот 1 на овој член може да се изјави жалба во рок од
осум дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен
однос во втор степен.
Ако инспекторот на трудот при инспекцискиот надзор констатира дека кај
работодавачот работи работник во недела и на празници, спротивно на членот 25 од
овој закон, со решение на работодавачот ќе му забрани вршење на работа во
работната просторија, односно работниот простор, каде е утврдена неправилноста,
во траење од 15 дена и ќе му издаде прекршочен платен налог. Ако работодавачот
не го прифати прекршочниот платен налог, надлежниот инспектор ќе поднесе
барање за поведување прекршочна постапка, согласно со Законот за прекршоците.
Ако работодавачот го повтори прекршокот од ставот 1 на овој член, инспекторот со
решение ќе му забрани вршење на работа во работната просторија, односно
работниот простор каде е утврдена неправилноста во траење од 30 дена и ќе
поднесе барање за поведување на прекршочна постапка согласно со Законот за
прекршоците.
За време на забраната за работа од ставовите (3) и (4) на овој член, работодавачот
е должен на работниците да им исплатува надоместок на плата во висина од
исплатената плата на работникот за претходниот месец и придонеси од плата и за
време на забраната не смее да го намали бројот на вработените.
Против решенијата од ставовите (3) и (4) на овој член може да се изјави жалба во
рок од 15 дена од денот на приемот на решението до органот надлежен за
одлучување од втор степен согласно со закон.
Жалбата изјавена против решението од ставовите 1, 3 и 4 на овој член, не го одлага
неговото извршување.
Член 51
Ако државниот пазарен инспектор при вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека
трговецот:
1) на посебно организирани пазари врши трговија на стоки кои не се наведени во членот 15
од овој закон;
2) врши продажба на алкохолни пијалаци во продавниците во состав на бензинска станица
(член 24-а);
3) врши продажба на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари на лица со возраст под 18
години (член 24 став 1);
4) на зелените пазари и посебно организираните делови на зелените пазари врши трговија на
големо и мало на други стоки кои не се определени од страна на советот на општината,
односно од градот Скопје (член 13 став 4);
5) ги издава продажните места на лица кои не се регистрирани во соодветниот регистар
односно не се евидентирани согласно со закон (член 14 став 2);
6) не води евиденција за набавка и продажба на стоките, како и за вршење на трговски
услуги согласно со закон или други прописи (член 28 став 1) и
7) физичкото лице врши дејност трговија и дава услуги во трговијата без да е регистриран во
соодветниот регистар (член 2 став 2), привремено ќе ги одземе предметите - стоките со кои
се врши трговија.
За извршеното одземање на предметите - стоки од ставот 1 на овој член државниот пазарен
инспектор издава потврда.
VI-a ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 52
Избришан
Член 53
Избришан
Член 53-а
Избришан
Член 54
Избришан
VII. ПРЕКРШОЧНИ САНКЦИИ
Член 54-а
Избришан
Член 55
Глоба во износ од 60 до 200 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во
износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 400
до 600 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 700 до 800
евра во денарска противвредност за голем трговец, ќе му се изрече за прекршок на правното
лице ако:
1) не го објави местото и времето на јавната аукциска продажба согласно со членот 17 став 2
од овој закон;
2) не се придржува на условите за јавна аукциска продажба согласно со членот 17 став 4 од
овој закон;
3) вршителот на трговија од врата на врата врши продажба на производи кои не се
определени од Владата (член 20 став 2);
4) не го пријавил исполнувањето на условите од членот 22 на овој закон и започнувањето со
работа на продажниот и деловниот објект согласно со членот 23 од овој закон;
5) не достави известување за започнување со вршење на дејноста (член 23 ставови
3 и 4)
6) не истакнал лиценца за продажба на алкохолни пијалаци на видно место во продажниот
објект (член 23-а став 5);
7) на видно место во продажниот објект не истакнал натпис во смисла на членот 24 став 2 од
овој закон;
8) започнал со работа во колективна станбена зграда и деловно станбена зграда
пред 6:00 часот и не завршил пред 23:00 часот (член 25 став 3);
9) не го пријавил часот, времето за пауза и распоредот на работното време во Централниот
регистар најмалку 15 дена пред почетокот на работењето, односно пред измената на часот,
времето за пауза и распоредот на работното време на продавниците, магацините, складовите,
бензинските станици и деловните простори (член 26 став 2) и
10) евиденцијата не се наоѓа во соодветната деловна просторија во која се врши трговијата и
во секое време не биде достапна на надлежните инспекциски органи (член 28 став 2).
Глоба во износ од 20 до 40 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 40 до 80
евра во денарска противвредност за мали трговци, од 80 до 150 евра во денарска
противвредност за средни трговци и од 150 до 200 евра во денарска противвредност за
големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за дејствијата од
ставот 1 на овој член.
За прекршоците од став 1 на овој член на правното лице, и на одговорното лице во правното
лице Државниот пазарен инспектор ќе им издаде прекршочен платен налог.
Глобата во прекршочниот платен налог се изрекува на минималниот пропишан износ на
прекршокот
По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог, сторителот на прекршокот е
должен да ја плати изречената глоба согласно ставовите 1 и 2 на овој член, во рок од осум
дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.
Сторителот на прекршокот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 4 на овој член, ќе плати
половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци
на постапката.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата во рокот од став 4 на овој член, државниот
пазарен инспектор поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до
Прекршочната комисија.
Член 55-a
Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро и мали трговци и
од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за средни и големи трговци, ќе се изрече
за прекршок на трговецот ако постапува спротивно на одредбите од членот 30-а од овој
закон.
Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност за вработеното лице ќе се изрече за
прекршок ако постапува спротивно на одредбите од членот 30-б од овој закон.
Член 55-а
Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на
трговецот поединец за дејствијата од членот 55 став 1 од овој закон.
За прекршоците од ставот 1 на овој член на трговецот поединец, државниот пазарен
инспектор ќе му издаде прекршочен платен налог.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот платен налог, државниот
пазарен инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка до Прекршочната
комисија.
Член 56
Глоба во износ од 100 до 300 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во
износ од 400 до 500 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од 600
до 800 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 800 до 1.000
евра во денарска противвредност за голем трговец, ќе му се изрече за прекршок на правното
лице ако:
1) врши трговија на големо пред магацините, складовие и деловните простори (член 8 став
1);
2) врши трговија на мало и дава услуги во трговијата пред продавниците, односно деловните
простори за кои нема одобрение од општината, односно од градот Скопје (член 8 став 2) и
3) не утврди и не истакне пазарен ред и не се придржува на пазарниот ред и работното време
(член 14 став 3).
(2) Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 50 до
100 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 100 до 150 евра во денарска
противвредност за средни трговци и од 150 до 250 евра во денарска противвредност за
големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за дејствијата од
ставот 1 на овој член.
За прекршоците од став 1 на овој член на правното лице, и на одговорното лице во правното
лице Државниот пазарен инспектор ќе им издаде прекршочен платен налог.
Глобата во прекршочниот платен налог се изрекува на минималниот пропишан износ на
прекршокот.
По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог, сторителот на прекршокот е
должен да ја плати изречената глоба согласно ставовите 1 и 2 на овој член, во рок од осум
дена од приемот на прекршочниот платен наслог на сметката означена во платниот налог.
Сторителот на прекршокот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 4 на овој член, ќе плати
половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци
на постапката.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата во рокот од став 4 на овој член, државниот
пазарен инспектор поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до
Прекршочната комисија.
Член 56-а
Глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок
на трговецот поединец за дејствијата од членот 56 став 1 од овој закон.
За прекршоците од ставот 1 на овој член на трговецот поединец, Државниот пазарен
инспектор ќе му издаде прекршочен платен налог.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот платен налог, државниот
пазарен инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка до Прекршочната
комисија.
Член 57
Глоба во износ од 400 до 500 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во
износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од
1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 3.000
до 5.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, ќе му се изрече за прекршок на
правното лице ако:
1) не води евиденција за набавка и продажба на стоките, како и за вршење на трговски
услуги согласно со закон или други прописи (член 28 став 1);
2) не доставил евиденција на продавачи од врата до врата до надлежниот орган за јавни
приходи на подрачјето на општината, односно на градот Скопје (член 20 став 4);
3) врши трговија на големо на пазарите на мало или врши трговија на мало на пазарите на
големо (член 7);
4) ја врши трговската дејност без да се исполнети пропишаните минимално технички услови,
како и други услови пропишани со закон во зависност од видот и начинот за вршењето на
трговијата (член 22 став 1);
5) врши продажба на алкохолни пијалаци без да поседува лиценца за продажба на алкохолни
пијалаци (член 23-а став 1) и
6) врши трговија на стоки во киосци, автомати и продажба од улични продавачи на места кои
не се определени од советот на општината, односно од градот Скопје (член 16 став 2).“.
Глоба во износ од 30 до 60 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 60 до 120
евра во денарска противвредност за мали трговци, од 120 до 200 евра во денарска
противвредност за средни трговци и од 200 до 300 евра во денарска противвредност за
големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за дејствијата од
ставот 1 на овој член.
Глоба во износ од 500 до 600 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во
износ од 1.000 до 1.200 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од
2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 4.000
до 6.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, ќе му се изрече за прекршок на
правното лице ако врши продажба на алкохолни пијалаци во продавница во состав на
бензинска станица (член 24-а).
Глоба во износ од 40 до 80 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 80 до 160
евра во денарска противвредност за мали трговци, од 200 до 300 евра во денарска
противвредност за средни трговци и од 300 до 400 евра во денарска противвредност за
големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за дејствијата од
ставот 3 на овој член.
За дејствијата од ставовите 1 и 3 на овој член, ќе биде издаден прекршочен платен налог на
правнотлице и на одговорното лице во правното лице.
Во случаите од ставовите 1 и 3 на овој член ќе се изрече и посебна прекршочна мерка
одземање на предметите - стоките со кои е извршен прекршокот.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот платен налог,
надлежниот инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка до
надлежниот суд.
Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок
на трговецот поединец за дејствијата од ставовите 1 и 3 на овој член.
За прекршоците од ставовите 1 и 3 на овој член на трговецот поединец, ќе му биде издаден
прекршочен платен налог.
Ако трговецот поединец како сторител на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот
платен налог, надлежниот инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка
до надлежниот суд.
Член 57-а
Укинат
Член 58
Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во
износ од 1.600 до 2.000 евра во денарска противвредност за мал трговец, глоба во износ од
3.000 до 6000 евра во денарска противвредност за среден трговец и глоба во износ од 7.000
до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец, ќе му се изрече за прекршок на
правното лице ако:
1) врши продажба на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари на лица со возраст под 18
години (член 24 став 1);
2) на зелените пазари и посебно организираните делови на зелените пазари врши трговија на
големо и мало на други стоки кои не се определени од страна на советот на општината,
односно од градот Скопје (член 13 став 4);
3) ги издава продажните места на лица кои не се регистрирани во соодветниот регистар,
односно не се евидентирани согласно со закон (член 14 став 2);
4) на посебно организирани пазари врши трговија на стоки кои не се наведени во членот 15
од овој закон;
5) не се придржува на мерките од членот 30 од овој закон;
6) врши трговија на нафтени деривати спротивно на членот 12 став 3 од овој закон и
7) постапува спротивно на членот 25 од овој закон.
Глоба во износ од 50 до 100 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 100 до
200 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 200 до 350 евра во денарска
противвредност за средни трговци и од 350 до 500 евра во денарска противвредност за
големи трговци, ќе му биде изречена на одговорното лице во правното лице за дејствијата од
ставот 1 на овој член.
Во случаите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4 и 5 на овој член на правното лице ќе му се изрече
посебна прекршочна мерка одземање на предметите - стоките со кои е извршен прекршокот.
За дејствијата од ставот 1 точки 1, 2, 3, 6 и 7 на овој член на правното лице може да му се
изрече прекршочна санкција забрана за вршење одделна дејност поврзана со сторениот
прекршок во траење од три месеци до шест месеци.
За дејствијата од ставот 1 на овој член, ќе биде издаден прекршочен платен налог на
одговорното лице во правното лице.
Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот платен налог,
надлежниот инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка до
надлежниот суд.
Глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок
на трговецот поединец за дејствијата од ставот 1 на овој член.
Во случаите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4 и 5 на овој член на трговецот поединец ќе му се
изрече посебна прекршочна мерка одземање на предметите - стоките, со кои е извршен
прекршокот.
За прекршоците од ставот 1 на овој член на трговецот поединец, ќе му биде издаден
прекршочен платен налог.
Ако трговецот поединец како сторител на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот
платен налог, надлежниот инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка
до надлежниот суд.
Кога прекршокот од ставот 1 на овој член е сторен со цел трговецот поединец за себе или за
друго лице да прибави имотна корист или прекршокот е сторен од организирана група на
лица или во текот на календарската година трговецот поединец го повтори прекршокот од
ставот 1 на овој член, надлежниот суд може да изрече глоба во износ од 500 до 1.000 евра во
денарска противвредност.
Во случај на повторно сторување на дејствијата од ставот 1 точки 1, 2, 3, 6 и 7 на овој член,
од страна на трговецот поединец, надлежниот суд може да изрече прекршочна санкција
забрана за вршење одделна дејност поврзана со сторениот прекршок во траење од три до
шест месеци.
Глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото
лице за прекршоците од ставот 1 точки 2 и 4 на овој член.
Глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото
лице кое врши трговска дејност и дава услуги во трговијата без да е регистриран.
Во случаите од ставот 1 точки 2 и 4 на овој член, на физичките лица ќе им се изрече посебна
прекршочна мерка одземање на предметите - стоките со кои е извршен прекршокот.
За прекршоците од ставот 1 точки 2 и 4 и ставот 14 на овој член на физичкото лице, ќе му
биде издаден прекршочен платен налог.
Ако физичкото лице како сторител на прекршокот не ја плати глобата од прекршочниот
платен налог, надлежниот инспектор поднесува барање за поведување прекршочна постапка
до надлежниот суд.
Кога прекршокот од ставот 1 точки 2 и 4 на овој член е сторен со цел физичкото лице за себе
или за друго лице да прибави имотна корист, или прекршокот е сторен од организирана група
на лица или во текот на календарската година физичкото лице го повтори прекршокот од
ставот 1 точки 2 и 4 на овој член, надлежниот суд може да изрече глоба во износ од 500 до
1000 евра во денарска противвредност.
Член 58-а
Прекршочната постапка по прекршоците предвидени во овој закон не може да се поведе,
ниту да се води ако поминат две години од денот кога е сторен прекршокот.
Против одлуката на прекршочната комисија може да се поднесе жалба до надлежен орган
согласно со Законот за прекршоците.
За прекршоците од членот 58-д од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна
санкција изрекува надлежен суд.
Член 58-б
По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог, сторителот на прекршокот е
должен да ја плати изречената глоба согласно со овој закон, во рок од осум дена од приемот
на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.
Сторителот на прекршокот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 1 на овој член, ќе плати
половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.
Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци
на постапката.
Државните пазарни инспектори и државните инспектори за труд се должни да водат
евиденција за издадените прекршочни платни налози и за исходот на покренатите постапки.
Во евиденцијата од ставот 4 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следниве
податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно
престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на прекршочниот платен налог кој му се
издава и исходот на постапката.
Личните податоци од ставот 5 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во
евиденцијата.
Член 58-в
Министерот за економија ја пропишува формата и содржината на прекршочниот платен налог
со правилник.
Член 58-г
Одмерувањето на висината на глобите на правното лице односно на трговец поединец се
врши согласно Законот за прекршоците.
Член 58-д
Глоба во висина од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок
на овластено службено лице од Министерството за економија ако не ги побара доказите по
службена должност во рокот утврден во членот 23-б ставови 5 и 9 од овој закон.
Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на
овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите ако не ги
достави бараните докази во рокот утврден во членот 23-б ставови 6 и 10 од овој закон.
Глоба во износ од 25 до 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на
овластеното службено лице од Министерството за економија ако не реши по барањето во
рокот утврден во членот 23-б став 4 од овој закон.
Член 59
Избришан
VIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 60
Примената на членот 23 став 1 од овој закон не се однесува на трговецот кој започнал со
вршење на трговија пред денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 61
Трговецот кој организира пазари на големо и мало е должен да го усогласи работењето на
пазарот во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 62
Трговецот е должен во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон да го
усогласи своето работење со одредбите од членот 32 став 1 алинеја 3 на овој закон.
Член 63
Комисијата од членот 35 на овој закон Владата ќе ја именува во рок од 30 дена од денот на
влегувањето во сила на овој закон.
Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од три месеца од денот
на влегувањето во сила на овој закон.
До донесувањето на прописите од ставот 2 на овој член ќе се применуваат постојните
прописи.
Член 64
Постапките што се започнати, а не се завршени до влегувањето во сила на овој закон, ќе се
завршат според прописите што важеле до влегувањето во сила на овој закон.
Член 65
Со денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат да се применуваат одредбите од
членовите 57-а, 57-б и 57-г на Законот за надворешно-трговско работење ("Службен весник
на Република Македонија" број 31/93, 41/93, 78/93, 59/96, 15/97, 13/98, 13/99, 50/99, 82/99,
4/2001, 2/2002, 45/2002 и 31/2003).
Одредбите од ставот 1 на овој член ќе се применуваат до 31 декември 2005 година.
Член 66
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за трговијата
("Службен весник на Република Македонија" број 23/95, 30/95, 43/95, 23/99, 43/99, 6/2002 и
38/2003), освен членот 24 кој ќе се применува една година од денот на влегувањето во сила
на овој закон и Законот за надворешно-трговско работење ("Службен весник на Република
Македонија" број 45/2002 и 31/2003).
Член 67
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во "Службен весник на
Република Македонија.
Закон за изменување на Законот за трговија (Службен весник на Република Северна
Македонија„ број 295/21)
Член 10
Подзаконскиот акт утврден со овој закон ќе се донесе во рок од 30 дена од
влегувањето во сила на овој закон.
Член 11
Одредбите од членот 1 со кој се дополнува членот 2 со нов став 3, одредбите од
членот 3 со кои се дополнува членот 23 со три нови ставови 3, 4 и 5 и одредбите од
членот 6 со кои се дополнува членот 55 став 1 со нова точка 5) од овој закон ќе
започнат да се применуваат со денот на пристапувањето на Република Северна
Македонија во Европската Унија.
Одредбите од членот 4 со кој се менува членот 25 ставови 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12,
одредбите од членот 5 со кои се менува членот 50-a став 3 и одредбите од членот 7
со кои се мeнува членот 58 став 1 точка 7) од овој закон ќе започнат да се
применуваат од 1 јануари 2022 година.
Член 12
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен