Работа на празници и во недела

Соопштение од Државен инспекторат на труд

Почитувани,
Во врска со дилемата за примената на чл.4 став 4 од Законот за именување и дополнување на Законот за трговија за што до Државниот инспекторат за труд беа доставени бројни прашања, Ве информираме за следното:
Во членот 4 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија а во врска со член 25 од Законот за трговија е наведено :
“Трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно со закон”.
Во член 2 од Законот за празниците дефинирани се државните празници и празниците на РСМ.
Согласно член 3 од наведениот закон овие празници се неработни денови за сите граѓани.
Во контекст на наведеното членот 4 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија се однесува само на членот 2 од Законот за празниците и ги опфаќа само државните празници и празниците на РСМ кои се неработни за сите граѓани и на тие денови работодавачите не можат да вршат дејност трговија на големо и мало.
Наведениот член не ги опфаќа и останатите верски празници и неработни денови за одредена категорија на граѓани од чл.4 од Законот за празниците на РСМ во кои денови работодавачите може да вршат дејност трговија на мало и големо.
За работа во државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно чл.2 од Законот за празниците на РСМ, работодавачите на работниците се должни да им исплатат додаток од плата за работа на празник во висина од најмалку 100% за секој час поминат на работа.
Државни празници на Република Македонија се:
- 24 Мај, “Св. Кирил и Методиј” - Ден на сесловенските просветители;
- 2 Август, Ден на Републиката;
- 8 Септември, Ден на независноста;
- 11 Октомври, Ден на народното востание;
- 23 Октомври, Ден на македонската револуционерна борба и
- 8 Декември, “Св. Климент Охридски”.
Празници на Република Македонија се:
- 1 Јануари, Нова година;
- Божик, првиот ден на Божик, 7 јануари според православниот календар;
- Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар;
- 1 Мај, Ден на трудот и
- Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам.
Известувањето за вршење работа во недела, работодавачите можат да го достават електронски  на  следната меил адреса: rabotavonedela@dit.gov.mk  .или во архивите на подрачните одделенија на ДИТ како и во централната архива во седиштето на ДИТ на бул. Партизански одреди бр.48А, Скопје.
 
На веб страната на ДИТ се ојавени образците за сите потребни известувања за работа на празници, во недела, прекувремена работа итн.
 
Во продолжение уште еднаш Ве потсетуваме на одредбите од ЗРО што се однесуваат на дејностите кои имаат можност да работат во недела.
Во член 134 ставот (2) се менува и гласи:
„Ден на неделен одмор е недела.“.
По ставот (2) се додаваат седум нови ставови (3), (4), (5), (6), (7), (8) и (9), кои гласат:
„(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во дејностите:
- одгледување на животни,
- мешовито фармерство,
- вадење на јаглен и лигнит,
- вадење на руди на метал,
- печатење и издавање на весници,
- производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити,
- производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси,
- производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати,
- производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси,
- производство на индустриски гас,
- производство на метали,
- аптеки,
- снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација,
- снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината,
- копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт,
- складирање и помошни дејности во превозот,
- објекти за сместување,
- дејности за подготовка на оброци и служење на храна,
- филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма,
- емитување на програма,
- телекомуникации,
- информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и слично),
- прикажување на филмови,
- фотографски дејности,
- ветеринарни дејности,
- изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила,
- дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи,
- дејности на повикувачки центри,
- општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес,
- работи на одбраната,
- судски и правосудни дејности,
- работи на јавниот ред и безбедноста,
- дејности на пожарникарската служба,
- дејности за здравствена заштита,
- дејности на социјалната заштита со сместување,
- креативни, уметнички и забавни дејности,
- дејности на музеите,
- дејности на зоолошки градини и природни резервати,
- спортски, забавни и рекреативни дејности,
- погребни и слични дејности,
- царинска служба на гранични премини,
- дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став и
- работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.
(4) Работниците кај работодавачите од трговија на мало и трговија на големо, денот на неделен одмор од ставот (2) на овој член, го користат во согласност со Законот за трговија.
(5) Во случај на природна и друга несреќа или хаварија и спречување на последиците од нив или кога таква несреќа непосредно се очекува, на барање на работодавачот, работникот е должен да работи во недела заради заштита на животот и здравјето на луѓето и спречување на непоправлива материјална штета.
(6) Работникот од дејностите од ставовите (3), (4) и (5) на овој член, покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.
(7) Во случаите од ставовите (3), (4) и (5) на овој член, работодавачот е должен пред започнувањето на работата, да го извести Државниот инспекторат за труд.
(8) Дејностите и работите од ставот (3) алинеи 42 и 43 на овој член, ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.
(9) Формата, содржината и начинот на известувањето од ставот (7) на овој член, ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.“.
 
Исто така Ве потсетуваме на посебните одредби што се регулирани во Законот за трговија што се однесуваат за работа во недела:
Членот 25 се менува и гласи:
„Трговецот на големо и трговецот на мало го утврдува работното време на продавниците, киосците, автоматите, штандовите, зелените пазари, магацините, складовите, деловните простории, продавниците, штандовите и киосците во трговските центри (молови) и бензинските станици зависно од бројот на вработените.
Должината и распоредот на работното време што трговецот го утврдил треба да се усогласат со правата, обврските и одговорностите на вработените утврдени со прописите од областа на работните односи, особено во поглед на распоредувањето на работното време и прекувремената работа, ноќната работа, дневниот, неделниот и годишниот одмор и другите отсуства од работа и во согласност со ограничувањата утврдени со прописите од областа на заштита од бучава.
Продавниците што се наоѓаат во колективни станбени згради и деловно станбени згради не можат да почнат со работа пред 6:00 часот и мора да завршат со работа до 23:00 часот.
Tрговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно со закон (во натамошниот текст: празници).
По исклучок од ставот 4 на овој член, трговијата на мало може да се врши:
1) во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност;
2) во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалоци и тутун;
3) во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2;
4) на штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела;
5) во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и
6) на зелени пазари.
За работниците кај трговците на мало од ставот 5 на овој член, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата, согласно со закон.
Додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.
За трговците на мало од ставот 5 точки 2) и 3) на овој член се утврдува надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, кои средства ќе се инвестираат во детски градинки согласно со закон.
За продавниците на бензиските станици од ставот 5 точка 2) на овој член за остварен приход ќе се смета само приходот остварен од продажба на храна, пијалоци и тутун, без прометот од продажбата на нафтени деривати.
Надоместокот од ставот 7 на овој член се уплаќа секоја година до 15 јануари во тековната година на сметка на Буџетот на Република Северна Македонија согласно со закон.
Трговците од ставот 5 на овој член се должни да го пријават работното време во недела и на празници, согласно со членот 26 ставови 2 и 5 од овој закон.
Трговците од ставот 5 точки 2) и 3) на овој член се должни десет дена пред да го уплатат надоместокот од ставот 7 на овој член да ја достават потврдата од членот 26 став 7 од овој закон до Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.
Трговците на мало од ставот 5 на овој член се должни да го почитуваат работното време за работа во недела и празници и тоа:
- трговците од ставот 5 точки 1) и 5) на овој член може да работат во период од осум часа што самите ќе го утврдат согласно со ставот 3 на овој член,
- трговците од ставот 5 точка 2) на овој член може да работат од 00:00 до 24:00 часот,
- трговците од ставот 5 точка 3) на овој член може да работат од 10:00 до 20:00 часот и
- трговците од ставот 5 точка 6) на овој член може да работат од 08:00 до 14:00 часот.“.